Во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија одбележување на Светскиот ден на пијаното
ООМУ
„Васо Карајанов“ го одбележа 29 Март, Светскиот ден на пијаното. Во чест на Денот, Училиштето подготви концерт во форма на видео-материјал, на кој учествуваат ученици од класата по пијано на проф. Александар Лазаров, претставувајќи се со свои точки, солистички и во камерна форма на музичко изразување. Видеото од концертот е објавен на официјалната Facebook-страна на ООМУ „Васо Карајанов"- Гевгелија.
- Според годишниот календар, на 88-от ден во годината се прославува „кралот на музичките инструменти“ - пијаното. Во 2021 година, Денот на пијаното се паѓа на 29 март. Одбележувањето на овој ден започна во 2015 година под иницијатива на германскиот пијанист и композитор Нилс Фрам. Неговата идеја била да се прославува овој популарен инструмент низ целиот свет преку концерти, рецитали, предавања, итн., во сите форми на музички настани. Оваа година, кон одбележувањето на 7-годишнината на Светскиот ден на пијаното се придружува и Музичкото училиште „Васо Карајанов“ од Гевгелија, истакна директорката Сузана Стефанова, честитајќи им го Денот на сите ученици професори, музичари и љубители на овој инструмент со познатата изрека од музичарот Том Леер: „Животот е како пијано. Што ќе добиете од него, зависи како ќе свирите на него!“