Со лесна трка одбележана Светската недела на борбата против Туберколозата
Клубот на млади
при Црвен крст- ОО Гевгелија, во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија со лесна трка на 3 километри под мотото „Време е за свест без Туберколоза“ ја одбележаа Светската недела на борбата против Турбеколозата. Имено, 30 учесници трчаа во чест на заболените од Туберколоза, но и други заболувања на градите, како Пулмоналната хипертензија и др. Трчањето имаше за цел да ја подигне свеста за луѓето кои се борат за здив, страдаат и се борат за живот од ваквите тешки болести.
Настанот, освен спортски карактер, имаше и едукативен и културен карактер. На градскиот плоштад во Гевгелија, гевгеличаните имаа можност да дознаат сè за Туберколозата и Пулмоналната хипертензија како опаки болести. А, со музички точки се претставија Мартин Костадинов, волонтер во Црвен крст- ОО Гевгелија и член на Клубот на млади со претставник од Асоцијацијата за Пулмонална хипертензија „Момент плус“, Борис Ќаев.
Раководството на Црвен крст- ОО Гевгелија упати голема благодарност за учеството на лесната трка на членовите од АК „7 Ноември“, Планинарскиот спортски клуб „Двете уши“ и на учениците од основните и средното училиште од општина Гевгелија.