Нема отстапувања од еколошка и зелена Гевгелија
-Во општина Гевгелија се уште официјално не е доставена одлуката на Уставниот суд на Македонија за поништување
на одлуката за распишување на Референдумот во Гевгелија против отворање на рудници за минерални суровини, која вест неофицијално се прошири во јавноста.
Откако официјално ќе ја добиеме одлуката правно ќе реагираме како што наликува на една сериозна институција, - рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес конференција.
-И во оваа прилика од Гевгелија порачуваме дека сме против отворање на рудници во овој крај, како што на референдумот на 23 април минатата година, ние, и целата македонска јавност, истакна Поцков, го слушнаа гласот на народот и што мислат гевгеличани за отворање на рудници на планината Кожуф. Инаку, во текот на август,пред да расправа по барањето на канадската компанија ,,Резервоар Минералс,, за укинување на нашата одлука, Уставниот суд од нас побара и ги доби донесените одлуки за распишување на референдумот, резултатите од него, како и нашето мислење по поднесената иницијатива. Тогаш побаравме на седницата на Уставниот суд кога ќе се одлучува по точката околу одлуката за референдум, да бидат присутни и претставници на општина Гевгелија и на здружението на граѓани „Спас за Гевгелија“. Но, не бевме повикани. Сакам да појаснам дека во одлуката на Уставниот суд, ако е донесена, се спори надлежноста на Советот на општина Гевгелија да донесе одлука за организирање на референдум за прашање кое е од државна надлежност. Ова е жалосно, бидејќи сметам дека со носење на една ваква одлука, би се обесхрабриле граѓаните да бараат одржување на референдум за прашања кои се од нивен заеднички интерес. Мнозинството граѓани на општина Гевгелија,Советот и јас како градоначалник, но и Владата, имаме идентичен и јасен став околу ова прашање потврден преку неколку одлуки.Во овој момент можам само да кажам дека мојот став не е променет и дека како градоначалник на Гевгелија не отстапувам од заложбите за еколошка и зелена Гевгелија, рече Поцков.