Второто полугодие започнува во среда
Второто полугодие од учебната 2018/2019 година е одложено за два дена.
Учениците со наставата ќе продолжат во среда, на 23 јануари, а наставниците денес ќе ги имаат редовните обврски, но без настава. Ова го заклучи Владата на РМ и преку Министерството за образование ги извести сите образовни институции во земјата. Одлагањето на почетокот на второто полугодие се должи на големиот процент на загаденост на воздухот во Скопје и некои други градови во земјата.
Во сите училишни управи во општина Гевгелија нагласуваат дека се извршени сите подготовки за продолжување со наставата во второто полугодие. Над 200 вработени наставници уште пред една недела го прекинаа зимскиот одмор за да се подготват за наставата, а денес се јавија на работа. За нејзиното непречено одвивање не постојат никакви пречки, бидејќи во сите училишта се обезбедени потребните услови за нормално одвивање на наставата, а обезбеден е и потребниот наставнички кадар.