Премиера на „Дедо и внук“ во Гевгелија
На 26.2.2020 година, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20 часот,
Домот на култура Гевгелија премиерно ќе го прикажува „Дедо и внук“, во режија на Илија Пиперковски. Приказната е раскажана преку очите на човек што ги цени вредностите на неговиот дедо и се бори да живее според нив. Филмот е семејна емотивна драма, огледало на секојдневниот живот на едно македонско семејство, а сите гледачи ќе можат длабоко да ги идентификуваат проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во филмот играат: Дејан Лилиќ, Салетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојановски и Благој Веселинов. Продуцент е Огнен Антов од „Друм фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“ и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.