Тридневна културна програма по повод Спасовден
Оваа година, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија,
под покровителство на Општина Гевгелија, ќе го одбележи „Свети Спас“- заштитникот на градот Гевгелија на поинаков начин од тоа што се чествуваше досега. Поради пандемијата од Корона вирусот, Празникот ќе се обележи со организирање на тридневни активности, според наложените мерки за заштита и спречување на ширењето на Корона вирусот на Владата на РСМ и Општинскиот штаб за заштита и спасување. Од вторник до четврток ќе се организираат неколку културни манифестации, како музички концерти и ликовна изложба, кои гевгелиската публика годинава ќе ги проследат од дома, на социјалните мрежи, преку пренесувани видеа во живо на официјалниот Јутјуб-канал и официјалната Фејсбук-страница на ЈОУ Дом на култура и официјалната Фејсбук-страница на Општина Гевгелија.
Според програмата што ја презентираше организаторот, во вторник, 26 мај, 2020 година, на балконот во Народниот театар- Гевгелија, ќе се одржи музичкиот концерт на гевгелискиот дует- Ангови.
Реализацијата на празничната програма ќе продолжи во среда, 27 мај, 2020 година со отворање на ликовната изложба, во која учествуваат 17 гевгелиски ликовни уметници (ДЛУГ) и музички концерт на гевгелиската група „Панта реи“. Ликовната изложба ќе биде отворена до 05.06.2020 и изложена пред Народниот театар.
секој работен ден од 10:00 до 14:00 часот.
Во четврток, 28 мај, 2020 година, на денот „Свети Спас“, прославата на заштитникот на градот Гевгелија ќе заврши со музички концерт на гевгелиската музичка група „Леге артист“.
Директорот на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, Весна Ристова, истакна дека особена чест и задоволство и е што е организатор на културното чествување на Св. Спас и што покрај пандемијата од Корона вирусот, оваа манифестација, која е и дел од Програмата за финансирање на програми и активности од областа на културата, ќе биде одржана и оваа година и ќе ја продолжи традицијата која претходните години се чествуваше на сосема поинаков начин, со познатата „Распеана чаршија“- дефиле на ансамбли од цела Македонија кои ја негуваат староградската песна и музика.