Културни манифестации во време на пандемија
Додека трае пандемијата
од Корона вирус, почнувајќи од март, па досега, во општина Гевгелија се организирани вкупно 7 културни манифестации организирани според протоколите за работа и со почитување на мерките за заштита за спречување на ширењето на Корона вирусот.
Поради донесената Одлука на Владата на РСМ за одложување на сите манифестаци, Домот на културата во месец март ги откажа театарската престaва „Чекајќи го министерот“ и традиционалната поетско-музичка вечер „За тебе љубов моја“. По подолг период, културата оживеа со музичкиот карантински концерт на гевгелиската група „Chill out” и диџеј Thightbeats кој се одржа во населбата „Караорман“, организиран од Општина Гевгелија во соработка со кафе-бар „Пикасо“. Двочасовниот концерт се емитуваше во живо.
Во организација на Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, а поддржана од Општина Гевгелија, се одржа традиционалната манифестација по повод Патронот на општина Гевгелија и заштитникот на градот. Тридневното онлајн- културното чествување на Св. Спас започна со музичкиот концерт на дуетот „Ангови“, продолжи со Ликовната колонија на ДЛУГ и музичкиот концерт на „Панта Реи“, а заврши со музичкиот концерт на „Леге артист“.
Крајот на учебната година беше одбележан со „финален“ онлајн-концерт на учениците од ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија со изведба на песната од операта „Волшебната флејта“ од Моцарт и онлајн-изложба на млади ликовни таленти кои се дел од Ликовната работилница при Пионерскиот дом- Гевгелија претставувајќи се со околу 90 цртежи во различни техники.
Во овој период, Домот на културата во соработка со ансамбл „Македонија“ ја организираше и онлајн-изложбата на фотографии од традиционални балкански носии од богатата културна ризница на етникумот од соседството.
Општина Гевгелија и во време на пандемија не ја заборави културата, културните институции работеа и организираа манифестации за гевгелиската публика, а и пошироко, навикнувајќи се на новите правила за живеење и фунцкионирање кои ги наметна Корона вирусот.