Уличен перформанс на живи скулптури по повод Светската недела на детето
Во пресрет
на Светската недела на детето,
Домот на културата „Македонија“- Гевгелија ќе ја одбележи неделата на детето со уличен перформанс на живи скулптури „Ноќ во музејот“. Настанот ќе се одржи на 29 септември, 2020 година (вторник), со почеток во 19 часот, пред платото на плоштадот „Сава Михајлов“. Гости на манифестацијата се уметниците од Домот на култура „Иван Мазов - Климе“- Кавадарци, кои на најмалите ќе им претставата авантури од: Лименко, Каубојот, Добрата вила и многу други ликови од сказните.
Од Домот на културата апелираат посетителите на настанот да ги почитуваат протоколите за организирање настани и заштитните мерки против КОВИД- 19. Светската недела на детето се одбележува во светски рамки, секоја година во првата полна недела во месец октомври.
Инаку, минатата година, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија Светската недела на детето ја одбележи со театарска претстава за деца од сопствената продукција „Царскиот паж“ од Јосип Палада, во изведба на најмалата група актери-аматери на „Дон Кихот“, во режија на Катица Џишева Дупарова.