Концертот на Танец Круна на Спасовден 2018
Одбележувањето на Спасовден 2018 во Гевгелија заврши синоќа со концерт на националниот ансамбл за народни песни и игри Танец,
што претставуваше круна на прославата на Христовото вознесение во Гевгелија. Во Народниот театар, пред гевгелиската публика, и овој пат, членовите на Танец ја презентираа богатата ризница на македонското фолклорно наследство кое е длабоко врежано во потсвеста на секој македонец. Преку ора и песни, гевгелиската публика за еденипол час доживеа вистинско фолклорно музичко патување низ разните краеви на Македонија.
Танец, настапи со игри од селото Раштак, Скопско, сплет ора од Источна Македонија, кореографијата „Лазарица“ во која се вткаени дел од обичаите за Лазарова сабота од пределот Бојмија, празникот за очи, орото „Копачка“, за да на крај сето тоа музичко патување заврши со игрите од Егејска Македонија. Вистинско доживување беше настапот на нашата пеачка легенда Сузана Спасовска, овој пат како солист, придружувана од вокалниот и инструменталниот состав на ансамблот „Танец“. За своите мајстории, играорците, пејачите и музичарите беа наградувани со искрени аплаузи на воодушевената гевгелиска публика.