152 Гевгелиски матуранти танцуваа по матурскиот квадрил
152 матуранти од СОУ„Јосиф Јосифовски“ денес на шеталиштето во Гевгелија го одиграа познатиот матурски квадрил, како дел од годинашната „Матурска парада“.
Тие заедно со нивните врсници во Скопје, Струга, Охрид, Струмица и од Куманово, како и матурантите од 62 града во Босна и Херцеговина, Бугарија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Хрватска, Црна Гора, го славеа матурирањето. Но, истовремено дадоа поддршка на ненасилството и толеранцијата, која заклетва ја отпишаа учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува „Матурската парада“.
Пред почетокот на матурскиот квадрил, на матурантите им се обрати и ги поздрави градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков:
-Дозволете ми да Ве поздравам и да Ви честитам за учеството во матурската парада, со што овозможивте - Гевгелија, заедно со уште пет града во земјата, да се приклучи на преостанатите 62 европски градови, во славењето на матурирањето. На тој начин ја искажувате и својата поддршка на ненасилството и толеранцијата. Денес, со оваа матурска парада Вие затварате една од најубавите страници во својот живот. Но, истовремено, отворате една нова страница, која треба да ве воведе во светот на возрасните, полн со сите предизвици што ги носи животот.
Затоа Ви посакувам лична среќа, успех во натамошното школување, храброст и остварување на сите желби и убави нешта во животот. Нека животот Ви биде како и денешниот матурски квадрил што ќе го танцувате. Сакам да Ви го честитам матурирањето на сите 240 матуранти во Средноучилишниот центар „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија и да им посакам да бидат успешни, среќни и здрави, а што е најважно да и се радуваат на младоста, им порача градоначалникот Поцков на гевгелиските матуранти.