Самостојна изложба на Мице Јанкуловски МИЦКО
Во
соработка со галерија „Остен“ и НУ Музеј- Гевгелија, денеска (15 април, 2021 година), во Уметничката галерија АМАМ- Гевгелија, со почеток во 12 часот, ќе се одржи отворањето на самостојната изложба по повод 50 години творештво „МИЦКО Мице Јанкуловски- сликарство“. Изложбата за посетителите ќе биде отворена од 15 до 25 април, во согласност со сите протоколи за организирање на културни настани и мерки за заштита од КОВИД-19.
Уметничкиот опус на Јанкуловски припаѓа на различни области на уметноста, вклучува слики на платно, сатирични слики на стакло, цртежи, карикатури и анимации, палиндроми... Неговата биографија вклучува повеќе од педесет самостојни изложби кај нас и во светот, како и забележителни претставувања на меѓународни манифестации и биеналиња, како во Санкт Петерсбург, Солун, Торино, Фиренца, Венеција, Ларнака, Варна...
Како признание за неговата работа, тој е наградуван со престижни награди, меѓу кои се: Наградата „Рембрант“ – за одличност во уметноста за 2020 од САВУ (Светската асоцијација за визуелни уметности); Наградата „Ел Греко“ - за најдобар уметник на АртТесалоники 2019, Грција; Наградата „Лоренцо Ил Мањифико“ – за животно остварување на Фиренца Биенале 2019, Италија; Наградата „Уметник на светот“ на Ларнака Биенале 2018, Кипар; ГРАН ПРИ на 19-то Меѓународно графичко биенале Варна 2017, Бугарија; Гран при (во 1997) на Светската галерија на карикатури Скопје; Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 1985 ... и многу други.
Мице Јанкуловски е уметник со специфична појава, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинални резултати. Неговата уметност зрачи со хармонија, убавина, мир и сочувство. Таа е резултат на долгогодишното креативно истражување на уметникот. Забележително воздржани, далечни и тивки, делата носат длабокфилозофски поттекст, праќајќи визуелните пораки кон вечноста.
Слободата, виртуозноста, како и целосното спојување на идејата, концептот, и резултатот, обично ги карактеризираат сликите на Јанкуловски. Тој е уметник кој ја вреднува со исклучително значење естетиката на визуелната перфекција на делото. Со доследна продукција и постојано потврдување на неговата уметничка појава, тој го потврдува своето место во светот на современата уметност. Неговите дела, од кои дел имаме можност да ги видиме вечерва кај нас, го дефинираат и го промовираат како воспоставен уметник со суптилна чувствителност, со своја автономна креативна територија што ја воведува публиката во простори, светови и димензии исполнети со уникатна уметничка аура.
Освен уметнички, Јанкуловски има исклучително богат општесетвен живот преку кој активно придонесува за развојот на културата и уметноста во нашата земја и пошироко!
Тој е активен член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Здружението на карикатуристите на Македонија (како и негов актуелен претседател), на Федерацијата на карикатуристите (ФЕКО), а исто така е основач на ОСТЕН Биеналето на цртеж и на ОСТЕН Музејот на цртеж во Скопје, С. Македонија.