Изложба на скулптури „Раѓањето на битието“ од Александар Јанев
На
27 мај, 2021 година, во паркот на улица „Маршал Тито“, спроти Народниот музеј- Гевгелија („Виолета”), со почеток во 19:30 часот, во организација на Пионерскиот дом- Гегвелија, ќе биде отворена изложбата на скултури „Раѓањето на битието“, на м-р Александар Јанев, гевгелиски ликовен уметник и скулптор, член на ДЛУГ- Гевгелија. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина скултури изработени од дрво и метал. Настанот се организира во рамките на годинашната програма за култура на Пионерски дом, поддржана од Општина Гевгелија.
Изложбата ќе биде отворена од страна на гевгелиската ликовна уметница, м-р Мирјана Крстева Массетти, истовремено и критичар на делата на Јанев, која за нив ќе истакне:
- Дрво, метал, колор, форма...
Јанев интонирано понира во длабочините на она што сме, на она од кое сме... Суптилно раскажува за почетокот, за генезата, за корените. Тој со својот ликовен израз автентично проникнува во материјалите кои ги експлоатира и создава дела со карактеристична овална форма која симболизира раѓање.
Визуелизацијата на делата е отелотворена преку сублимација на повеќе органски и неоргански материјали. Примарно е дрвото, металот и бојата ја акцентираат импресијата, а нејзиното височество формата ја финализира авторовата мисла. Јанев, несомено, поседува силен креативен имплус и сензибилитет кој допрва ќе ја продлабочи автономијата на неговото творештво.