Богата културна програма за Спасовден 2021
По повод чествувањето на заштитникот на Гевгелија,
христијанскиот празник Вознесение Христово - Спасовден, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, под покровителство на Општина Гевгелија, организира богата културна програма.
Четиридневата културна програма ќе започне со монодрамата „Кротка“, во продукција на Здружение за култура „Транзен“- Струмица, која гевгеличани ќе имаат можност да ја проследат на 8 јуни, во Народниот театар, со почеток во 20:00 часот. Станува збор за новелата „Кротка“ која е едно од подоцнежните дела на Достоевски. Таа е напишана според вистински настан за кој Достоевски дознал од петербуршките весници - самоубиството на млада, сиромашна девојка, која скокнала од прозорецот, држејќи ја семејната икона во рацете. Во новелата, Достоевски ја слика бурната драма на судирот меѓу две личности, меѓу два пола, меѓу две генерации.
На 9 јуни, на плоштадот „Сава Михајлов“ со почеток во 20:00 часот, ќе настапи со концерт „Трио Џентлмен“ составено од професионалните оперски пејачи: Дејан Стоев - тенор, Кристијан Антовски - баритон и Дарко Нешовски - тенор. На нивниот репертоар, освен класичните композиции, се наоѓаат и најголемите светски поп-хитови изведени во класичен поп-манир, наполитански канцони, шпански песни, руски романси и, секако, македонско творештво.
На 10 јуни, во Старата чаршија, со почеток во 20:00 часот, ќе биде одржана ревија на народни носии. На ревијата ќе учествуваат Ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија и КУД „Јане Сандански“ при НУКЦ „Ацо Ѓорчев“- Неготино, презентирајќи народни носии од повеќе етнички предели и богата културна програма со традиционални вокални и инструментални интерпретации.
Гевгеличани, на 11 јуни, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот, ќе уживаат во премиерата на театарската претстава „Умри машки“. Претстава од сопствената продукција на Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во изведба на Драмското аматерско студио за возрасни „Дон Кихот“, а во режија на Катица Џишева Дупарова. Во претставата играат Елена Брзилова, Силвестер Проле и Каме Ќаев.
Поради заштитните мерки и протоколот за организирање културни настaни во затворен простор, на театарските претстави ќе биде ограничен бројот на публика до 100 гости. За таа цел, местото ќе се обезбеди со карти за претставата „Умри машки“, кои можат да се купат во просториите на Народниот театар, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот. Цената на картата е 100 денари.
Директорот на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, Весна Ристова, истакна дека и е особена чест и задоволство што Домот е организатор на културното чествување на Св. Спас и дека оваа година програмата публиката ќе може да ја проследи со физичко присуство. Но, секако со почитување на протоколите за организирање настани и заштитните мерки против КОВИД-19.