Годишна изложба на дела од Ликовната работилница при Пионерскиот дом
Денеска,
на Youtube-премиерата која ќе започне во 17:00 часот, ќе бидат прикажани околу триесет дела на учениците- млади сликари кои се дел од Ликовната работнилница при Пионерскиот дом- Гевгелија.
Раководителката на работилницата, ликовната уметница, м-р Мирјана Крстева Массетти, заокружувајќи го крајот на учебната година и работењето со децата во време на пандемија, за Годишната изложба ќе истакне:
- За мене е привилегија да се занимавам со иднината, а иднината се децата. Шест години ја водам ликовната работилница при Пионерскиот дом - Гевгелија. Оваа година, кога повеќе од се ни беше потребна ѕвездена прашина, а не логика, успеав заедно со членовите на работилницата да измислам патувања, да замислам далечни бои, да размислувам за „старомодната“ физичка интеракција. Архитектурата на времето во кое живеевме, беше некаков необичен формат. Остана бескрајна само фантазијата на овие исклучително талентирани мали уметници. Запознав свет во кој не ја живеам сегашноста, туку го гледам неговиот потенцијал, визионерски настапувам и верувам во идните достигнувања на децата. Поттиккнувајќи ја нивната креативност, всадувајќи им мала доза алхемија, успевам да ги стимулирам, да ја истакнам нивната индивидуалност и да направам да бидат свои, барем во еден сегмент од животот.