„Музички образовни средби- Гевгелија, 2021 година“
На 28 и
29 јуни, 2021 година, во Гевгелија ќе се оддржи културната манифестација „Музички образовни средби – Гевгелија, 2021“, во организација на ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија. Настанот опфаќа дводневна програма составена од интерактивна едукативна музичка работилница, на која учество ќе земат музички педагози од основните училишта и од основните музички училишта од повеќе градови низ Македонија. Работилницата ќе се оддржи на 28 јуни, во Mалата сала на Народниот театар - Гевгелија, со почеток во 11 ч. Како предавач на оваа работилница, ќе се претстави пијанистката Ловорка Немеш Дулар од Словенија, која ќе зборува на темата: „Развојот на техниката на свирење, музикалност, групно музицирање и пристап кон современата музика“.
Истиот ден, со почеток во 19 часот, во просториите на Народен театар – Гевгелија, целовечерен концерт ќе оддржи пијанистката Јасмина Трајческа, која ја прославува својата 20-годишна концертна дејност. На концертот насловен како „Балканска рапсодија“ ќе се изведат дела од: Бојовиќ, Шопен, Матичиќ и Гершвин, а како гости ќе земат учество Ловорка Немеш Дулар (пијано) и Сања Миленковиќ (пијано).
На 29 јуни, со почеток во 10 часот, пијанистката Ловорка Немеш Дулар ќе оддржи неколку семинарски часови со ученици по пијано од ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија, како и ученици од средните музички училишта во Македонија. Културната манифестација „Музички образовни средби - Гевгелија, 2021“ како проект е поддржан од страна на Oпштина Гевгелија преку Програмата за култура, за 2021 година. Ќе се реализира во соработка со Дом на култура од Гевгелија, а помагатели се Фондацијата „Аполонија“ и „Музички моменти“- Гевгелија.