Изложба на карикатури од Манчевски, посветена на лекарите
Во организација
на Пионерски дом- Гегелија, на 14 јули, 2021 година, во изложбениот простор на Пионерскиот дом, со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена Изложбата на карикатури инспирирани од КОВИД-19 пандемијата од познатиот македонски карикатурист- Миле Манчевски. Воедно, и посветени на луѓето кои целовреме беа на првата борбена линија и се справуваа со пандемијата- докторите во државата. За делата на Манчевски, гевгелиската уметница Мирјана Крстева Массетти, која ќе ја има улогата на куратор на свеченото отворање на изложбата, ќе истакне:
- Семантичкото поле на карикатурата е виножито од феномени- хумор, пародија, сатира, иронија. Тогаш кога застана се, визуелизираните идеи на Миле Манчевски беа оригинален подарок. Карикатурата како инструмент за комуникација во време на Kорона е неверојатно блескав момент. Истражувањата на карикатурата се интердисциплинарни, навлегуваат во повеќе области, една од нив е историјата. Така, Манчевски ја исцрта, на свој начин, историјата за едно време наречено Kорона. Мултимодалниот дискурс, визуелната анализа како методи за проникнување во овој жанр иницираат силна синтетизирана порака. Карикатурата на Манчевски динамично кореспондира со менталниот конструкт на реципиентот, таа е забавна, хумористична, оригинална.
За карикатурите посветена на лекарите, двајца лекари од Гевгелија својата благодарност ја искажаа со зборови опишувајќи го животот и нивниот вложен труд за време на пандемијата:
- Желба на секој здравствен работник е насмевка и задоволство на лицето на пациентот. Мисијата која ние лекарите ја исполнуваме, се состои во секојдневна борба, ангажираност и неуморно помагање. Сите нормални процеси во светот наеднаш беа пореметени како резултат на „нешто“ за кое прв пат слушнавме на ТВ, а кое ни излгедаше премногу далечно. За бргу време влеговме во нов ритам на живот. Пандемија, маски, дезинфекција, растојание, чекање во ред...
Изминатата година беше исполнета со глобална вознемиреност поради пандемијата со КОВИД-19. Сите ресурси почнаа да се намалуваат, а ние бевме во трка со времето и во борба со невидливиот непријател наречен SARS-CoV-2, за кој не знаевме ништо. Борбата ја водиме и денес, заеднички, сплотено. Се надевам дека човековото достигнување ќе биде доволно силно за да, на крај, сите заедно издвоиме победа и се вратиме на „нормалниот“ начин на живот.
Голема поддршка за сите уметници кои творат и создаваат низ времето, воедно и благодарност и поддршка до Миле за настанот, ќе истакне гевгелискиот д-р на медицина, Јован Узунов, завршувајќи го својот текст со негова хаику поезија:
Плачот светски што
едно време тлееше,
сега е смеа.
- Облекуваме скафандер... влегуваме во една мрачна, чудна, непредвидлива и тажна година. Со фенер во раката го осветлуваме она парче душа кое ни вели можеме...мораме да успееме. Да, тоа е главното оружје- знаење, професионалност, труд, непоколебливост. Не бараме награда, аплаузи, само малку почит за сите кои своите животи ги оставија на работните места. Ова е за сите нас. Ова е најголемата благодарност и поддршка преточена преку карикатурите на господинот Миле Манчевски.
...STAY POSITIVE AND TEST NEGATIVE...!!!, ќе истакне д-р Љупка Урумова, раководител на Детското одделение во Општа болница- Гевгелија.