Самостојна изложба на Кованцалиев „Политичка лиричност“
Во
изложбениот простор на Уметничката галерија Амам - Гевгелија на ден 17.09.2021 год (петок), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена самостојна изложба ,,Политичка лиричност” на ликовниот уметник Перо Кованцалиев која содржи апстрактни цртежи, каде чадот дефинира форми и создава длабочини. Настанот е во организација на НУ Музеј - Гевгелија, поддржан од Министерство за култура на Р. Северна Македонија. Изложбата ќе биде поставена во галерискиот простор на Амамот во период од 17 Септември до 06 Октомври 2021 год. Изложбата ќе се организира во согласност со сите актуелни важечки протоколи и мерки за организирање на настани од овој тип.
- Чадот, како важен ликовен елемент, ја гради и дополнува композицијата во самото дело на истиот принцип како што чадот од согорените отпади го креира секојдневието во нашите животи. Критика насочена за сегашната пасивност кон видливите проблеми со кои се соочуваме и неажурноста на институциите кон посочените проблеми и несовесноста на поединци, кои придонесуваат за апатичната состојба во која се наоѓаме. Делата носат длабок филозофски поттекст, праќајќи визуелни пораки кон набљудувачот, будејќи храброст и доживување, давајќи поттик и мотивација, ќе истакне авторот.
Перо Кованцалиев магистрирал на Катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности и активно работи како самостоен уметник. Имал повеќе самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби во земјава и странство. Во 2020 година е добитник на наградата добитник на „Боро Митриќески“.