СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија доби Училишна медијатека
По реконструкција на поранешната просторија каде се наоѓаше
Училишната библиотека, во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија е отворена првата Медијатека. Станува збор за Библиотечно-информациски центар во Гевгелија, изграден со средства од Буџетот на Училиштето. Медијатеката располага со простор за читална и презентации, изведување драмски проби, со намена за учениците за нивна релаксација и доедукација. Заменет е дотраениот под со нов, а изведени се декоративни молеро-фарбарски работи. Со скромна свеченост, во просториите на СОУ „Јосиф Јосифовски“ беа пуштени во употреба новоизградената Медијатека и реновираната Библиотека во присуство на вработените и учениците од Средноучилишниот центар. Се планира осовременување на Библиотеката со вмрежување на целокупниот книжевен фонд од 13.625 наслови во интернационалниот информациски систем Cobiss.
Инаку, медијатеката е дизајнирана од Катерина Рамаданова Танушева и Емилија Караколева, а изведувач на проектот е „Риви дизајн“, под раководство на Виктор Костадинов. Мислите напишани на ѕидот се дело на ученичките: Марија Панева, Пепица Дојчинова, Јована Магдинчева и Нена Стојковска, под менторство на професорката Розета Картова.