Прославен сребрениот јубилеј на градскиот мешан хор „Гортинија“
Гевгелискиот мешан хор „Гортинија“ својот 25 годишен јубилеј,
го одбележа со свечен концерт во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Гевгелија. Гевгелиската публика уште еднаш имаше можност да ужива во настапот на овој реномиран хор, кој досега има настапувано на голем број на фестивали и настани во земјата и странство. На концертот беа изведени повеќе хорски композиции од богатиот репертоар на „Гортинија“ под диригенската палка на Илија Атанасов, почнувајќи од делото на Таки Хрисик, „Свечена песна за Светите Кирил и Методиј“, преку композиции од Бортиански, Мокрањац, Бадев и Донати, па, се до двете обработки на македонските народни напеви на Драган Шуплевски и Тодор Скаловски, „Дафино, вино црвено“ и „Македонско оро“. Прекрасниот настап на задоволство на публиката беше заокружен со две дела на Волфганг Амадеус Моцарт.
Како гости на концертот, кои со своите инструменти придонесоа за музичката колоритност на настанот, настапија Костадин Издушнов на кларинет, Маја Зафирова и Софија Јакимова на виолина, Панче Кралев на контрабас, Влатко Сапламаев на пијано и Меглена Лазаровска и Радмила Зашева на флејта.
-Овој концерт е уште една потврда за високите квалитети што ги поседува „Гортинија“, како и самопрегорната работа на 30-та членови на мешаниот градски хор, изјави раководителот и диригент Илија Атанасов. Сребрениот јубилеј на хорот „Гортинија“ им го честита старешината на Црквата „Свети Кирил и Методиј“ отец Русе Жековски. Инаку, во изминативе 25 години хорот „Гортинија“ стана препознатлив бренд на Гевгелија, кој освои голем број домашни и меѓународни признанија.