„И јас сум тука“- изложба на фотографии и промоција на книга посветени на лицата со посебни потреби
Утре, 7 април,
2022 година, во Малата сала на Пионерскиот дом, во Гевгелија, ќе биде оворена Изложба на фотографии, фотопортрети на 20 лица со посебни потреби од повеќе градови во Македонија на различна возраст. Истовремено, ќе бидат промовирани книгата „И јас сум тука“, посветена на овие лица, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот. „И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е Театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Целта на проектот е да се смени стереотипниото однесување кон лицата со попреченост, да се намалат стигмите и да се зголеми свеста за интелектуалната попреченост.
- „И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат, велат авторите Сребра Ѓорѓиевска и Тоше Огњанов.
Изложбата ќе биде отворена во 19 часот, а настанот е поддржан од Општина Гевгелија, преку Програмата за финансирање на активности од областа на културата во 2022 година.