Џез концерт, Литературно читање и Промоција на мурал се новите активности за „Гевгелиско културно лето“
И оваа недела,
новите активности за „Гевгелиско културно лето“ ќе внесат „културна“ свежина во гевгелиските летни ноќи. Следува уште една неделна програма, наменета за различни генерации и вкусови во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“, Пионерски дом и ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“.
На 3 август, со почеток во 21:00 часот, во Фоајето на Народниот театар- Гевгелија, дуото Филип Динев и Пенче Кралев ќе ја почастат публиката на џез музика со својот концерт. Филип Динев на својата гитара и Пенче Кралев на контрабас ќе изведат оригинални композиции и аранжмани на џез стандарди.
Свежина со убавиот пишан збор ќе внесат и роднокрајни поети, кои на Литературното читање, во организација на Библиотеката „Гоце Делчев“, ќе се претстават со читање извадоци од нивното поетско и прозно творештво, пропратено со музичка придружба од страна на Филип Динев и Пенче Кралев. Модератор на настанот ќе биде Стефчо Стефанов. Литературното читање на роднокрајните автори е закажано за 4 август, со почеток во 20:00 часот, на платото пред Библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија.
На 5 август, следи Промоција на мурал на гевгелискиот ликовен уметник, Миле Ничевски. Муралот кој се слика на ѕидовите на Ракометното игралиште кај ДТВ „Партизан“, ќе биде промовиран на истата локација со почеток во 21:00 часот.