Во СОУ „Ј.Јосифовски“ наставата непречено се одвива и покрај реконструкцијата
Во СОУ„Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија наставата непречено започна
и ќе се одвива во второто полугодие – информираше директорот на центарот Цветко Неловски при посетата на градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на овој средноучилишен центар, на првиот ден од второто полугодие. На средбата беше нагласено дека сите подготовки за непречено одвивање на наставата навремено се завршени, обезбедена е целосна екипираност на наставничкиот кадар, како и на потребните услови за одвивање на наставата во зимски услови.
Паралелно со наставата и работата во СОУ„Јосиф Јосифовски“ се изведува и реконструкција на дел од училиштето и угостителската сала. Имено, на западното крило од училиштето ќе бидат надградени 14 нови училници, со заемот што го зеде општина Гевгелија од Светска банка. Истовремено, се врши и реконструкција на угостителската сала, кујна и придружни простории со средства заштедени од блок дотациите што ги добива училиштето. Изведувач на работите, по завршената тендерска постапка, е градежната фирма „Еуроинг“.
Градоначалникот Сашо Поцков при посетата и обиколката на објектот истакна дека со доизградбата на нови 14 училници во овој средно-училишен центар, не само што ќе се обезбеди едносменско работење, туку и заштеда на енергија. Обезбедувањето на доволни просторни услови за непречено одвивање на наставата ќе овозможи и заштеда на електрична и топлинска енергија. Покрај ова, центарот ќе добие и нов современ угостителски дел, во кој учениците од угостителската насока, ќе можат непречено да ја следат наставата и ја спроведуваат практичната обука. Дополнително овој реновиран простор може да се користи и за комерцијални потреби, рече Поцков.