На 10 септември, Летниот фестивал „Ѕуница 2022“ ќе го доживее своето второ издание
Летниот фестивал „Ѕуница 2022 година“, чиј носител
на проектот е Моника Јовановска, годинава ќе го доживее своето второ издание со музичка програма и уметнички перформанси во природа. На локацијата „Белиот рај“ во Миравци, на 10 септември, се очекуваат посетители и минувачи на трансферзалата Белград- Скопје- Атина да запрат на ден-два и да го посетат овој летен фестивал кој предвидува учества на артисти од локалната, регионалната и светската музичка и уметничка сцена, а е поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање на културни настани во општина Гевгелија за 2022 година.
- По успешната прва едиција, годинава продолжуваме со исто темпо и ви нудиме уникатна можност заеднички да го испратиме летото и да ги задоволиме вашите апетити за квалитетна музика и модерна уметност. И оваа година, уметници од различни возрасти ќе творат во природа, слушајќи музика, и тоа во различен временски интервал, со различна музичка позадина, секој музички правец ќе претставува посебен цртеж. На крај, ќе се разгледуваат уметничките дела и на панел-дискусија ќе се разговара за тоа како различните музички правци делуваат врз креативниот процес кај уметниците.
Исто така, имаме подготвено и богата музичка програма во чијшто рамки музичари од земјава и странство ќе ви ја претстават својата креативна страна преку внимателно одбрана музичка селекција. Следуваат возбудливи новости, бидете во тек со нашите објави на Фејсбук страницата „Ѕуница Фестивал- Миравци“ и спремете се за уште едно незаборавно фестивалско доживување, најавуваат организаторите на овој фестивал со потенцијал да прерасне во традиционален.