Оддадена почит на борците со полагање цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија за 7 Ноември
Денеска, по повод
78-годишнината од ослободувањето на Гевгелија - 7 Ноември, пред сите спомен-обележја во Гевгелија беше положено цвеќе во чест и слава на сите паднати борци за слободата на Гевгелија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, претставници на Општина Гевгелија и Советот на Општина Гевгелија, членовите на општинското здружение на Сојузот на борците од НОВ, политичките партии и здруженија положија цвеќе на бистите на народни херои од овој крај, на спомен-обележјето на Сава Михајлов, на бистите на првоборците од овој крај и на Спомен-Костурницата во Гевгелија..
На присутните, им се обрати Јане Ташковски од Општинското здружение на СЗБ, потсетувајќи дека на 6 ноември, 1944 година, борците на Вториот гевгелиски партизански одред, во параден строј, влегоа во Гевгелија, минувајќи низ главната улица. Граѓаните на Гевгелија воодушевено ги поздравија и ги дочекаа борците, радувајќи и се на слободата.
- За слободата на Гевгелија, беа положени 74 животи во борбата со фашистичкиот окупатор, од кои 13 потекнуваа од самиот град Гевгелија. Како денеска, така и понатаму на овој ден ќе продолжиме да им се поклонуваме, а на младите им оставаме аманет да не го заборават светлиот историски датум на нашиот град, рече Ташковски.