Работилници за сценарио и филмска критика
Во два дена
(10 и 11 ноември), се одржаа Работилници за сценарио и филмска критика во Гевгелија, во Народниот театар- Гевгелија, во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Работилниците се одржаа под наслов „Матрица“, а во организација на Здружението „Аквариус“. Организаторки и воедно менторки на работилниците за критика се: Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска, додека на работилниците за сценарио, на кој овој пат беше ставен поголемиот фокус, ментори беа режисерките и сценаристки, Лидија Мојсовска и Елеонора Венинова.
Организаторите го истакнаа своето задоволство од бројката на заинтересираните приустни од различни возрасни групи, нивното внимателно следење на презентациите и дискутирањето на различни теми и аспекти, од областа на филмот. Имено, акцентот беше ставен на критиката како објективност, во која секој го истакнува своето мислење и секој во оценката го внесува својот личен вкус и емоции; за сценариото како формат, неговата структура и начин на изразување на својата идеја, улогата на сценаристот во филмот и тоа низ призмата на прикажаниот филм „Момчето со пругаста пижама“, на Марк Херман. Но, и на слушањето лични приказни и интереси од присутните, кои секојдневно ги живеат. Со можност да се проговори точно за тоа како тие нивни идеи би можеле да се развијат во сценарио, во каков правец би моежеле да се развиваат и што е важно за тие да станат приказна во која би можеле и гледачите да се препознаат. Интересно беше дека младите на крајот изразија задоволство и рекоа дека ова се работи за кои досега немале можност да зборуваат.
- Впрочем, токму затоа и се овие работилници за да позборуваме со една нова генерација гледачи, а можеби и филмаџии, за сето она што е важно во пристапот кон уметноста, за она што е важно во начинот на гледање филмови, а особено селекција, бидејќи денеска со дигиталните можности и информации, има преголема достапност, но многу е тешко да се направи селекција и да се насочи интересот, истакнаа организаторките, задоволни што ја постигнале зацртаната цел и во Гевгелија.