Одржана последната работилница за врсничко насилство во училиштата
Во рамки на проектот:
„Врснички форум театар против насилство во училиштата“, во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија беше одржана една од последните работилници, наменета за наставници, директори, образовни стручни соработници и претставници на општинската администрација, ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија и ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија. Имено, на оваа завршна работилница се мапираа слабите и силните страни на општеството (од институции до медиуми), за што низ презентација на учесниците беше истакната потребата за зајакнување на постоечките капацитети, но и можноста за создавање нови ресурси кои ќе помогнат во превенцијата и сузбивањето на врсничкото насилство во училиштата пред конфликтот да премине во насилство.
Исто така, беа истакнати и бенефитите од спроведениот проект, преку кој во изминативе девет месеци, Здруженијата „Од станица до граница“- Гевгелија и „Рубикон“- Скопје реализираа проектни активности со четирите основни училишта и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, наставниците, образовните стручни соработници, учениците и претставници на надлежните органи преку обучувачки работилници, ликовен и книжевен конкурс и форум-театарска претстава, се со цел третирање на проблемот со врсничкото насилство во училиштата и постапувањето при ваквите случаи.
Проектот: „Врснички форум театар против насилство во училиштата“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската Унија, а ја спроведуваат Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Општина Гевгелија.