Одбележани Патрониот празник и 65 години од воспитно-оразовната дејност на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија
ООУ „Крсте Мисирков“-
Гевгелија со свечена културно-уметничка програма во Народниот театар- Гевгелија ги одбележа Патрониот празник на и 65-годишниот јубилеј од образовно-воспитната дејност на Училиштето. По тој повод, учениците со своите наставници подготвија програмски активности од областа на: литературата, театарот, танцот и музиката, кои ги проследија голем број гости: директори на училиштата, соработници, наставници, ученици, родители, меѓу кои и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со претставници на Советот на Општина Гевгелија.
Програмата ја отвори директорот на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Ѓорги Стамков, со поздравно обраќање, честитајќи го Патрониот празник и прославувањето на 65 години образовно-воспитната дејност.
- Како едно од првите училишта во општината, секојдневно го живееме минатото низ ходниците на учениот камен и железните огради, многулетните борови и ели, но и денешните паметни табли, проектори, компјутери... Водејќи се од желбата да растеме и развиваме нови генерации- успешни, вредни и верни граѓани на оваа земја, ги преземаме сите можности за развој и напредок, за изградба и решавање на проблемите, кои, всушност, ни се благосостојба. Во растежот ни помага постојаното надградување на наставниот кадар преку организирани обуки и лични усовршувања, преку безбројните работилници и за наставници и за ученици, но и за родителите, успешното и умешно водење на воннаставните активности и бројните одлични резултати од истите. Трудољубивиот наставник гради трудољубив ученик и нашите ученици се пример за успех и во понатамошното школување .Бројни се нашите ученици кои оставиле белег во општественото живеење и се закитиле со насмевката на наставникот. Има една мисла која вели дека лекарот лечи, инжинерот гради мостови, уметникот прави слики, научникот прави ракети, но наставникот ги прави сите нив. Така, ние наставниците пркосејќи му на времето, и со ентузијазам и со името на заветот, ја ослободуваме мислата како нескротлива енергија и ја вдахнуваме во илјадниците детски срца кои се изградија и се градат во достојни личности, продолжувачи на делото на Мисирков, истакна Стамков.