Гевгеличанките од „Европорта- Фест“ го докажаа вокалниот квалитет и во Велинград, Бугарија
6 учесника на
минатогодишниот Музички фестивал „Европорта- Фест“, под менторство на музичкиот педагог Маја Зафирова, учествуваа на годинашниот 13. Меѓународен фестивал за млади изведувачи на популарна музика и танц „Виножито над Клептуза“, којшто се одржа во Велинград, Република Бугарија. По престојот и успешното претставување, групата се врати со освоени високи награди. Имено, Ања Поп-Костова и Слободанка Арнаудова ја освоија првата награда „Златен медал“ и Ивана Коколанска втората награда „Сребрен медал“ во категоријата соло- изведба. Додека, во категоријата дуети, Анастасија Зафирова и Ања Поп-Костова се добитници на третата награда „Бронзен медал“. Ангела Зафирова и Билјана Дуева имаа успешни настапи.
Со освоените награди од учеството на Меѓународниот фестивал во Бугарија, Здружението „Внимание“- Гевгелија уште еднаш ја оправда поддршката од Општина Гевгелија преку Програмата за активностите од областа на културата за 2023 година.
Инаку, Меѓународниот фестивал за млади изведувачи на популарна музика и танц „Виножито над Клептуза“ е во организација на Општина Велинград, со главна цел да се зајакне музичката култура кај младите и да се создадат пријателски односи и размена на добри практики меѓу учесниците од различна верска и етничка припадност.