Продолжува „Гевгелиско културно лето“ со богата јулска програма
Програмата со активности
за „Гевгелиско културно лето“ продолжува и наредниве недели од јули со интересни културно-уметнички настани во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија и ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија.
Денеска (10 јули 2023 година), „Трио Џентлмен“ ќе гостува во Гевгелија со целовечерен концерт, на кој ќе бидат изведени композиции со љубовна тематика. Имено, на репертоарот, се застапени: One night only, The man you love, Regresa a mi, Beautiful Maria, Historia de un amor, Piensa en mi, Quisaz, Volare, Lasciate mi, O sole mio, Bella ciao , Conte partiro, „Штом ноќта помине“ и Штом се сака“ во изведба на оперските пејачи: Дејан Стоев (тенор), Кристијан Антовски (баритон) и Јане Дунимагловски (тенор). Концертот ќе се одржи на платото пред Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 21:00 часот.
На 12 јули (среда), „Гевгелиско културно лето“ ќе продолжи со „Вечер на афоризам“ во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија. На платото пред Градската библиотека, ќе настапат автори на афоризми: Атанас Крлевски и Кире Василевски од Велес, Ружа Стоилова, Ленче Стојменова и Јане Атанасов од Кочани и Ацо Ѓоргиев и Ристо Филчевски од Струмица. Модератор на настанот ќе биде Јасмина Ѓоргиева, а за музичкиот дел ќе се погрижи Теодора Гошева Капсарова- Теда. Настанот ќе започне во 19:00 часот.
Потоа, ќе следи омаж за Тома Манчев, „По стапките на проф. д-р Томе Манчев“ на 14 јули 2023 година (петок), на платото пред Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 21:00 часот. Омажот е симболично навраќање конципирано преку делата на неговите студенти по композиција. Составен е од композициски начела на сега веќе реномирани творци, поранешни студенти по композиција, дела создадени под менторство на проф. д-р Томе Манчев.
Во јулската програма за „Гевгелиско културно лето“ учествува и Перо Кованцалиев, со ликовна инсталација „Имплуси, треперења, одблесоци“, со која ќе го доближи убавото и непознато со кинетички објекти, кои се придвижуваат со електрични мотори аплицирани на различни метални конструкции, прикриени од текстилен материјал и со рефлектирачки особености. Инсталацијата ќе биде поставена на платото пред Народниот театар- Гевгелија, на 17 јули (понеделник) со почеток во 21:00 часот.
Премиерно ќе биде прикажан и Проектот на Етнокореолошкиот оддел при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија: „Лазаренки, реликвија на етничкиот предел Бојмија“. Станува збор за 13-минутен краткометражен филм, во продукција на Домот на културата, за песни, обреди и обичаи кои се поврзуваат со Лазарова Сабота. Премиерата е на 20 јули (четврток), со почеток во 21:00 часот, на платото пред Народниот театар- Гевгелија.
На 26 јули (среда), Школата за гитара ќе го одржи својот завршен концерт, под менторство на Костадин Динев. На којшто ќе се претстават учениците со композиции подготвени во текот на учебната година, со почеток во 21:00 часот, на платото пред Народниот театар- Гевгелија.