Отворен Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“
Со одигрувањето
на ревијалниот турнир помеѓу екипи на поранешни играчи кои биле дел од фудбалската школа на Никола Гелебешев, на мултифункционалното игралиште кај ДТВ „Партизан“, се одбележа почетокот на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“, во организација на ЗГ Навивачки клуб „Фантоми Север“- Гевгелија. На почетокот, пред ревијалниот турнир, како и 5. турнири помеѓу пријавените екипи, неколку млади фудбалери во чест на тренерот Гелебешев одржаа говор, во којшто истакнаа дека со нивното учество на овој турнир, му оддаваат почит на едно големо фудбалско име, на неговата непоколеблива посветеност и љубов кон фудбалската игра и на свој начин го продолжуваат фудбалското наследство кое тој им го остави на младите генерации.
За Гелебешев, играат 26 пријавени екипи од Гевгелија и регионот. Турнирот ќе трае до 30 јули, а дневно се натпреваруваат по 5 екипи во младински категории- генерации од 2005 до 2008 година и млади пионири- генерации 2009/2010, 2011/2012 и 2013/2014 година. На последниот ден од Турнирот, ќе бидат доделени парични награди медали и пехари за победнички екипи, како и поединечни награди за најдобар стрелец, најдобар голман и најдобар играч во сите категории.
Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“ е финансиски поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за спортски активности за 2023 година.