Директорот на Библиотеката Марковски со учество на Конференција за права за зајмување за јавни библиотеки во Брисел
Директорот
на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, писателот Стефан Марковски, беше дел од 14. Меѓународна конференција за права на зајмување за јавните библиотеки, одржана во Брисел.
Во рамки на Конференцијата, којашто се одржа во периодот од 12 до 14 септември, со свои обраќања учествуваа голем број учесници, меѓу кои Бенедикт Линард, министерка за култура на федерацијата Валонија-Брисел (Белгија), Јоана Харис, англиска писателка и авторка на култниот роман од 1999-та година „Чоколадо“, Барбара Хејс, претставничка на Меѓународната организација за права на зајмување, претставници од British Library и од поголем број писателски, издавачки, како и организации за заштита на авторските права.
На Конференцијата беа разгледани имплементациите на моделите на права на зајмување за книги во различни земји ширум светот, беа дискутирани законските регулативи поврзани со остварувањето на авторските права, придобивките за авторите, илустраторите и издавачките куќи во различни имплементирани шеми, предизвиците за креативните индустрии од вештачката интелигенција, како и предностите, недостатоците и можните начини на подобрување во имплементацијата на овие модели во повеќе европски земји.
Во македонските библиотеки сè уште не е реализиран модел на реализација на авторски права поврзани со зајмување. Директорот Марковски имаше можност да разговара со министерката Линард и другите претставници околу потенцијалот за реализација на соодветен модел во културата во некое идно време, преку усогласување на легислативата поврзана со оваа проблематика, како и изградба на буџетски капацитети во македонскиот културен сектор.