Во Гевгелија, одржан 2. Саем за промовирање на локалниот развој- ЛАГ ЕКСПО 2023
Во Гевгелија,
се одржа вториот по ред Саем за промовирање на локалниот развој - ЛАГ Експо 2023, којшто е единствен од ваков тип во државата. Саемот се одржа на платото пред и во Големата сала на Народниот театар во Гевгелија, во организација на тимот на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, а во соработка со ЛАГ „Бојмија“ за општините: Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово, којашто беше домаќин на манифестацијата. Низ презентации и панел дискусии, претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од нашата како и од земји од Западен Балкан и земји-членки на Европската Унија ги претставија своите иницијативи и дискутираа на теми коишто ги засегаат руралните заедници. Покрај тоа, на саемската изложба со свои штандови, производи и активности се претставија и повеќе од 40 членови на неколку ЛАГ-ови коишто доаѓаат од приватниот и граѓанскиот сектор.
На Саемот, се обратија советникот за рурален развој од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и претставникот од Општина Гевгелија, Трајче Арџанлиев, кои ја истакнаа важноста на партнерствата помеѓу различните сектори и потребата од поддршка и активност на ЛАГ-овите. Претседателот на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Балканската мрежа за рурален развој, Петар Ѓоргиевски додаде дека е потребно да се слушне гласот на руралната заедница и да се вложува во развој на заеднички иницијативи за подобрување на локалната инфраструктура, економија, образование и целокупниот квалитет на живот на граѓаните од земјата и регионот.
Целта на ЛАГ Експо 2023 беше споделување искуства на домашните и регионалните Локални акциски групи, согласно LEADER пристапот како дел од политиките за локален, рурален развој. Исто така, локалните производители имаа можност да се поврзат со претставници од повеќе индустрии и дејности што ќе придонесе за воведување нови бизнис-практики и нови соработки. Се очекува овој саем да прерасне во традиционална годишна активност во источниот дел на државата којашто ќе го стави на мапата на успешни приказни од регионот и ќе биде носител на развојот на технологијата, иновациите, етичките бизнис-практики и развојот на човечки ресурси, истакнаа организаторите.
Во рамки на ЛАГ Експо 2023 се организираше и саемска изложба, каде 40 членовите на ЛАГ-овите Бојмија, Беласица-Огражден, Малеш-Пијанец, Абер 2015 и Плачковица ги претставија своите производи, рачни изработки и иницијативи. Oд Општина Гевгелија, на штандовите за промоција беа опфатени 6 учесника: Гордана Петрова со керамички сувенири, Маја Ѓуровиќ со рачни изработки со полудраги камења и монистри и Mитра Ристовска со рачни изработки од разни материјали и техники, додека „Макавеи“, Пчеларската фарма „Беќарови“ учествуваа со промоција на пчелни производи. Кристијан Алчинов, покрај пчелните производи, беше промотор и на апи-терапискиот центар „Ристо Алчинов“.