Одбележан 11 Октомври во Гевгелија
По повод
11 Октомври, Денот на Народното востание, градоначалникот Андон Сарамандов, делегации на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од Гевгелија, локалната самоуправа, Советот на Општина Гевгелија, пензионери, политички партии и граѓани, вчера, положија цвеќе пред спомен- обележјата и пред бистите на народните херои и паднатите борци, како и пред Спомен- Костурницата. Во обраќањето пред Спомен- Kостурницата на паднатите борци, претседателот на гевгелиските борци, Ристо Марковски, рече дека овој ден е многу значаен во историјата на Македонија бидејќи во тие судбоносни денови Македонците застанаа на страната на антифашистичката борба и со сопствени сили се ослободија од бугарскиот фашистички окупатор. Овој ден претставува продолжение на вековниот стремеж и она за кое се бореа илинденците и затоа и денес на многуте жртви им оддаваме почит за стореното дело, меѓу кои и на 74 херои од Гевгелија и гевгелиско. Со едноминутно молчење и поклон, присутните оддадоа почит за заслугата на нашите предци кои го дадоа својот живот за живеење на нивните поколенија во сопствена и слободна држава.
Државниот празник на сите граѓани им го честиташе и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
- 11 Октомври е празник на хероите и симбол на непокорот кој го имале нашите предци во борбата за подобро утре и самостојна Македонија. Со својата борба и положени животи се вградиле во темелите на македонската државност, остварувајќи ја повеќевековната идеја на македонскиот народ за основање своја самостојна држава. Во мое лично име и во име на Општина Гевгелија, на сите граѓани Ви го честитам 11 Октомври, Денот на Народното востание, истакна во својата честитка Сарамандов.