Економски форум за извозните претпријатија во преработувачката индустрија во Гевгелија
Општина Гевгелија
беше домаќин на Економскиот форум „Ексклузивен бизнис настан: Како до поголем извоз“, којшто се одржа во хотел „Аполонија“, во организација на Матрона Консалтинг и Еxport Acaedmy. Овој интересен настан за подобрување на извозните можности во регионот, беше одржан со поддршка на Министерството за економија, а во соработка со Општина Гевгелија. На Форумот учествуваа бројни гости, меѓу кои, претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков; професори, експерти, како и стопанственици од преработувачката индустрија во општина Гевгелија и поширокиот регион. Честа да го отвори настанот, на покана од директорката на Матрона Консалтинг, Тања Евросимовска, ја имаше градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој во своето обраќање, истакна:
- Овие економски форуми имаат голем потенцијал и придонесуваат за подобрување на работењето на нашите компании на странските пазари. Компаниите во Општина Гевгелија коишто се извозно ориентирани, имаат голем број на вработени лица, даваат значаен придонес за локалниот економски развој, а истовремено се репрезенти на нашата општина. Од голема важност е што ваквата обука се спроведува во Гевгелија, имајќи предвид дека нашиот град е познат по преработувачката индустрија, а локалните претпријатија се со докажан квалитет и успешен пласман на пазарот во странство, наглади Сарамандов.
На настанот беше спроведена обука за претпријатијата во преработувачката индустрија на тема „Трендови за подигање на извозната подготвеност“. На обуката, локалните претпријатија во преработувачката индустрија се стекнаа со практични и едукативни информации од страна на претставниците на Матрона Консалтинг и Еxport Acaedmy, „Витаминка“, „Евросимовски Консалтинг“, Економскиот иниститут на УКИМ Скопје и Македонска асоцијација на преработувачи. И тоa, за успешна извозна приказна, успешен извозен план, најдобри практики за логистика и дистрибуција во преработувачката индустрија, важноста на е-трговијата и стратегија за извоз, стандардите како неопходна алатка за подобрување на извозот, одредување на цената на својот производ во странство, најважните фактори за успех на меѓународните пазари и успешна подготовка на меѓународни саеми.