Презентирани концептите коишто ќе се развиваат во предлог-проекти за заштита на животната средина
Oпштина Гевгелија
успешно го организираше и вториот Форум во заедницата. На оваа форумска сесија, имаше презентација на концептите коишто ќе се развиваат во проекти за заштита на животната средина. Имено, во угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, на 4-ти декември 2023 година, од страна на работни групи коишто се формираа на првиот форум, беа презентирани 5 концепти:
- „Обезбедување услови за безбедно движење во сообраќајот за велосипедисти и лица со телесен недостаток преку едукација и изградба на потребна инфраструктура“,
- Уредување на парк и реконструкција на објектот во сопственост на Општина Гевгелија во Смрдлива Вода“;
- „Изградба на спортско-рекреативен парк и уредување на веќе постоечките паркови во Гевгелија“,
- „Селекција и рециклирање отпад“ и
- „Собирен центар за употреблив отпад од домаќинствата“.
После презентациите, по сите забелешки и дополнувања од страна на учесниците и со мнозинство гласови на Форумот, работните групи концептите ќе ги развиваат во предлог-проекти. На втората форумска сесија, од коментарите произлезе и нов предлог за решение и концепт, односно предлог да се развива и предлог-проект за поставување фотоволтаици на училишните објекти на подрачјето на општина Гевгелија. Третиот форум, на којшто ќе бидат презентирани предлог-проектите, е закажан за 20 декември 2023 г.
Форумите во заедницата, Општина Гевгелија ги спроведува во соработка со УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка во рамки на Проектот: „Зајакнување на општинските совети“. Програмата „Зајакнување на општинските совети- Фаза2“ ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.