Премиерно прикажан документарецот за семејно насилство врз жени „Не биди моја приказна, охрабри се!“
Меѓу солиден број присутни
гевгеличани, на 7 декември 2023, во Народниот театар- Гевгелија, премиерно се прикажа документарниот филм за семејно насилство врз жени „Не биди моја приказна- Охрабри се!“. Со снимањето на документарецот и неговата премиера, Општина Гевгелија реализираше уште една активност од Програмата за еднакви можности на жените и мажите за 2023 година од мерките поврзани со препознавање и пријавување на насилството преку вистински наратив и излагања на стручни лица кои се надлежни за постапување во случај на насилство.
Иако официјално заврши 16-дневниот активизам за борба против насилство врз жени, Општина Гевгелија ќе продолжи со прикажување на филмот во СОУ „Јосиф Јосифовски"- Гевгелија и помеѓу учениците од вишите одделенија во основните училишта, а потоа ќе биде поставен и на социјалните мрежи. Имено, Општина Гевгелија го реализираше филмот во соработка со: ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Гевгелија, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, Адвокатската комора, Драмската секција за деца при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и Телевизија НОВА- Гевгелија. Во филмот, учествуваат: жена- жртва на семејно насилство од Гевгелија, Сашка Карајанова - вработена во ЦСР- Гевгелија, Розита Андонова - психолог во ЈЗУ ОБ ПД- Гевгелија, Гордана Срнакова - адвокат и членовите на Драмската секција за деца при ЈОУ ДК „Македонија“- Гевгелија. Режијата е на Катица Џишева Дупарова, а камерман и монтажер е Васко Трајков.