Презентиран новиот албум на Тихомир Поп Асановиќ
Во хотел-казиното „Фламинго“ во Гевгелија се одржа
прес конференција, на која беше промовиран двојниот албум „Враќање кон првата љубов“ на пионерот на џез рок музиката од седумдесеттите години, Тихомир Поп Асановиќ. За музичкиот пат на Асановиќ, од џез оркестарот во Скопје, преку свирките во Германија и групите Генералс, Тајм, Септембар, Ѕу Поп селекција, како и за новиот албум, издаден после 43 години од неговата последна плоча, говореше дискофилот Ангел Ситновски. Владо Јаневски, кој заедно со Каролина Гочева, гостува на албумот, изјави дека му била голема чест и задоволство да соработува со неговиот музички идол, и да напише неколку текстови. Младата Сабрина Хебири, која случајно била „откриена“ од сопругата на Асановиќ на интернет, рече дека со полно емоции пристапила кон снимањето на дел од песните од албумот кој за неа е остварување кое одговара на нејзиниот сензибилитет.
Самиот Асановиќ, за својот музички кам бек и за двојниот албум кажа дека и се вратил на својата прва љубов, музиката, се обидел да ги собере најдобрите музичари од Вардар, па до Триглав и, како што кажа, да сними албум кој ќе остане за секогаш во меморијата на некогашните рокери, но и на помладите љубители на овој вид на музика. При тоа, тој најави и концертна промоција на албумот, која ќе започне токму од Македонија. На албумот, кој е објавен и во англиска верзија, Асановиќ е придружуван од неговиот придружен бенд „Пријатели“ во кои членуваат Јани Модер на гитара, Давор Чрнигој на бас, Дејвид Морган на тапани и пеачката Сабрина Хебири, а како гости свират едни од најголемите музичари од овие простори , како Ведран Божиќ, Драги Јелиќ, Влатко Стефановски, Ненад Чанак, Радомир Михајловиќ Точак, Аки Рахимовски, Јанез Бончина, Владо Јаневски и Каролина Гочева, како и еден од најголемите израелски џез музичари Амир Гвирцман. Продуцент на албумот е Душко Мандиќ, а песните се снимани и миксани во РСЛ студиото во Ново Место во Словенија.