Изложба на цртежи на јапонските мајстори на дрворези
Во галеријата Амам во Гевгелија отворена е
изложба на цртежи на јапонските мајстори на дрворези, насловена како „Јапонскиот лебдечки свет-UKIYOE“. Изложбата ја отвори авторот на проектот и куратор Јасминка Намичева, која нагласи дека се работи за проектот MuseumLink, во кој се вмрежени 27 институции од културата ширум Република Македонија. Овој проект е започнат во 2016 година од страна на Музеј на град Скопје, со цел публиката и заљубениците во уметноста во помалите градски центри да добијат можност за директен пристап до различните изложбени концепти кои се веќе презентирани во главниот град и на тој начин да ги проследуваат изложбите токму во своето место на живеење.
Овој пат преку изложбата УКИЈОЕ, Музејот на град Скопје и Национална установа Музеј–Гевгелија, ја продлабочуваат соработката со Здружението за македонско јапонско пријателство, како и со Амбасадата на Јапонија во Република Македонија. Како резултат на ваквата соработка и гевгелиската публиката може да види 26 принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век. Вниманието на Европа кон укијое уметноста било за прв пат свртено со претставувањето на јапонски принтови во 1867 год на Интернационалната Изложба во Париз по што особено големо влијание остава врз раните Импресионисти-Мане, Моне, Дега, Тулуз- Лотрек.