Смоквијада: прогласени најдобрите готвачи на слатко од зрели смокви
Брачниот пар Томе и Ангела Перунковски;
заедно со Савка и Ели Сулеви, го подготвија најдоброто слатко од зрели смокви на годинашната Смоквијада 2019 година. Тие го освоија првото место на манифестацијата, за време на јавното варење на слатко од смокви на градскиот стадион, во петокот навечер. Оваа година за наградата најдобар готвач на слатко од смокви се натпреваруваа девет екипи и една ревијална.
Второто место го делеа Мара Ангова и Билјана Цимешиќ, заедно со Ѓургица Прочкова и Македонија Костадинова. Додека трето место го освоија Кире и Елза Стојанови и Доца Јованова и Роска Велкова.
Секој од натпреварувачите внимателно го надгледуваше варењето на слаткото, кое се одвиваше на отворено, на поставените печки, а според рецептите што сами ги подготвија. Никој од учесниците не сакаше да ја открие тајната на тоа како се прави најубавото слатко од зрели смокви, познато е дека за говењето се потребни зрели смокви, шеќер и вода, но се зависи од мајсторијата на готвачите.
Посебна комисија го надгледуваше варењето, а потоа го оценуваше свареното слатко. Годинава конкуренцијата беше голема, готвачите се искусни и затоа нивните производи беа посебно квалитетни. Затоа, и тешко беше да се одреди единствен победни, велат во комисијата.