Хари Мата Хари ја освои Гевгелија
Познатата сараевска и екс-ју популарна група Хара Мата Хари
ја освои Гевгелија. Во саботата навечер, во рамките на годинашната Смоквијада 2019, триилјадната публика на ракометното игралиште во Гевгелија во еден глас ја пееше „Леила“. И уште десетица нивни хитови, како „Би сакал да не те сакам“, „Страв ми е да те сакам“, „Кога ќе дојде октомври“, „Прстен и златно ланче“, кои Хари Варешановиќ со своите колеги ги изведе на својот коцерт во Гевгелија. Во нешто повеќе од двочасовниот настап уживаа сите, а на ракометното игралиште ги имаше од најмладите, па, се до постарите генерации, кои се врсници со Хара Мата Хари. Тие се уште се сеќаваат на фантастичната „Лејла“, со која оваа група го освои третото место на Песната на Евровизија во 2006 година. Токму овој хит предизвика еуфорија кај гевгелиската публика, но не изостана аплаузот за песните од нивниот последен албум „Ќилим“.
Концертот претставуваше дел од новата проширена концепција на годинашната Смоквијада 2019, но, се покажа како вистински погодок на здружението „Тера“, кое заедно со општина Гевгелија ја организира манифестацијата. Бидејќи привлече големо внимание кај публиката, не само од Гевгелија, туку од целиот регион и од соседна Грција. Сите тие уживаа во настапот на босанскохерцеговската група Хари Мата Хари, еден од најдобрите претставници на поранешната Сараевска музичка школа.
На концертот му претходеа настапи на предгрупите Lege Artis Band, трио „ОСАНА“ и Shine. Токму, групата „Shine“, предводена од извонредниот гитарист Дамјан Пејчиновски претставуваше вистинско изненадување за гевгеличани. Тоа го потврдија и долготрајните аплаузи што ги доби оваа група.