Изложба на фотографии со шпански мотиви на тема „Патот на Сефардите“
Во Народниот театар во Гевгелија беше отворена
Изложба на фотографии со шпански мотиви, во организација на Домот на културата во Гевгелија. Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија поседува изложба со наслов “Descubre Sefarad” (Патот на Сефардите) која се состои од фотографии од 18 града, кои ја образуваат Мрежата на еврејските населби во Шпанија: Авила, Барселона, Касерес, Калахора, Кордоба, Естела-Лизара, Ервас, Хаен, Леон, Лусена, Монфорте де Лемос, Овиедо, Пласенсија, Рибадавија, Сеговија, Таразона, Толедо и Тудела, како и една фотографија посветена на традиционалната сефардска гастрономија.
Сефардите се Евреи, потомци на прогонетите од Шпанија за време на Шпанската инквизиција, воглавно во 1492 година. Тие масовно се раселиле низ Европа, главно на териториите под османлиска власт, вклучително и во Македонија. Сефардите, воглавно живееле во градовите Солун, Скопје, Битола, Штип, Кратово и притоа формирале добро организирани еврејски општини. За време на Втората светска војна, околу 7 000 Евреи, односно Сефарди од Македонија биле депортирани во концентрациониот логор Треблинка, каде биле задушени во гасните комори.
Здружението на еврејски населби на Шпанија „Caminos de Sefarad“ е создавач на оваа изложба која гостувала и во Берлин, Краков, Белград и Токио. Поводот за ова фотографско уживање е 25 годишнината од воспоставувањето на билатералните односи на нашата земја со Кралството Шпанија.