Приоритетните барања на месните заедници се вградени во општинскиот буџет за идната година
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков
денес оствари средба со претседателите на месните заедници во општината, во рамките на јавната расправа по Нацрт-Буџетот на општина Гевгелија во 2020 година. Имено, по неговото донесување од страна на Советот на општина Гевгелија во тек е јавната расправа по овој документ. На средбата градоначалникот Поцков најпрво ги информираше првите луѓе на месните заедници за проектираната буџетска рамка во идната година и активностите што се предвидени за реализација во секоја месна заедница.
Претседателите на месните заедници, од своја страна, ги изнесоа барањата и потребите на граѓаните во своето населено место, кои се од приоритетно значење. Пред се, функционирањето и стопанисувањето на водоводите и резервоарите за вода, кои во дел од населените места се незаштитени, поради што беше посочен и примерот на месните заедници во Ново Конско и Конско, кои поднесоа барање за преземање на водоводите од страна на ЈПКД„Комуналец“, кои барања Советот на општина Гевгелија веќе ги проследи до јавното комунално претпријатие за утврдување на состојбата.
Во повеќето месни заедници беше укажано на потребата од санација или изградба на некои селски улици, од кои дел се веќе влезени во Програмата за локални патишта, а некои, како што е случајот со доизградбата на патот до Ума и улицата за влез во Мрзенци, ќе бидат реализирани со грантот што општина Гевгелија го доби од Министерството за транспорт и врски. Во новиот буџет се предвидени средства за обнова и изградба на канализационите системи во населбите каде што ги нема, а што се однесува до барањата кои се однесуваат на тековни проблеми, надлежните општински служби веднаш ќе интервенираат.