Поволна бизнис клима - предизвик за сите општини
Во Скопје се одржа Заедничкиот консултативен комитет на
регионите на ЕУ и Република Северна Македонија, на кој покрај другото се расправаше за придонесот на локалните и регионалните власти во процесот на преговорите за пристапување на ЕУ. На оваа тема зборуваше министерот за локална самоуправа Горан Милевски, а свои обраќања на отворањето на состанокот на Заедничкиот консултативен комитет имаа амбасадорот-шеф на делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар, градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Петар Шилегов и градоначалникот на Јужно Кошице Јарослав Халинка.
Тематската дебата на конференцијата беше посветена на локалниот економски развој, а во неа свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков. Гевгелија е една од општините што има голем успех во искористеноста на средства од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија со Грција и со Бугарија, што како добра пракса треба до го примениме и во другите програми и проекти што се отворени за нашата земја. Овие средства се можност за решавање на одредени проблеми и потреби на граѓаните, но тие не се доволни за да може да ги решиме сите горливи проблеми во општината, рече Поцков, нагласувајќи:
-Потребни се повеќе вакви програми за општините, но и јаки капацитети во општините за подготовка на проекти, кои успешно ќе се реализираат. Но, тоа не е единствената пречка, поголем проблем е кофинансирањето, посебно кај некои општини, кој треба да го решиме заедно со централните институции и ЗЕЛС, што секогаш нуди иновативни решенија за нашите потреби. Европските фондови се исклучително важен извор за реализирање на општински проекти, затоа ова прашање, со основање на инвестициски фонд или банка на општините треба да биде ставено повторно на агендата на ЗЕЛС, и заедно со централните власти да најдеме разумно решение за сите нас, истакна градоначалникот на општина Гевгелија.
-Нешто друго, што се однесува на локалниот развој, а е поврзан со најавениот нов бран на продлабочување на процесот на децентрализација во земјата, е согледување и проценка на компаративните предности на општините. На пример, ние како општина се откажавме од приходите што можеме да ги добиеме од рудниците, бидејќи сме еко-општина во која доминираат туризмот и производството на здрава храна.Но, тоа не значи дека не треба да остваруваме некаква добивка од казино бизнисот, за што веќе споменав дека е развиена гранка поради блискоста со македонско-грчката граница, истакна во своето барање градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.
Притоа, оцени дека за силен локален економски разво на општинитеј, централните власти треба да се „откажат“ од одредени надлежности што природно треба да потпаднат под локалните власти. За тоа да се случи, локалните самоуправи треба да ја зајакнат довербата пред централните институции дека имаме волја, знење и капацитети за да испорачуваме квалитетни и конзистетнти услуги за граѓаните. Да ги собираме сопствените извори на приходи, да се вклучуваме во програмите и проектите со кои ќе се обезбедат поволни услови за инвестирање во општините. Инвеститорите се наши партнери, а ние, за нив треба да озбебедиме квалитетни услуги и поволни услови за инвестирање. Заедно со централните власти треба да продолжиме да го држиме фокусот на градење на поволна бизнис клима.