Во детските градинки извршена замена на дотраениот под
Во сите детски градинки во рамките на ЈДУ„Детска радост“ во
Гевгелија во тек е замената на подот во сите објекти. Станува збор за замена на дотраениот и оштетен под на површина од 2.660 метри квадратни. Според директорката на ЈДУ„Детска радост“ Бети Стојменова подот на градинките во Гевгелија не е заменет уште од отворањето на првата градинка во 1961 година.
Во Гевгелија веќе е извршената замена на дотраениот паркетен под со ламинат, и тоа, во сите три детски градинки. Веќе од наредниот викенд продолжуваме со замената на подот во детските градинки во Негорци и Миравци. Единствено не е вршена замена на подот во градинката во Богородица, бидејќи е нова и е изградена во 2014 година. Со ваквиот потег значително ќе се подобрат хигиенските услови, ќе се заштеди енергија и ќе се создадат многу поповолни услови за престој на децата, вели Стојменова. Замената на дотраените подови во сите детски градинки во општината се врши со заштедените средства од доделените блок дотации. За таа цел беше распишан тендер и по изборот на најповолниот изведувач започна и етапната замена на подот. И тоа, во деновите на викенд за да не се прекине процесот на прифаќање и згрижување на децата.
Изминатава година во централната детска градинка во Гевгелија и во детската градинка во Негорци беше извршена целосна замена на столаријата, за што детската градинка издвои 7,3 милиони денари сопствени средства. Исто така, во централната градинка, како и во градинките Сончогледи и Цветови комплетно беа реновирани тоалетите, а во сите детски градинки извршено е опремување и климатизирање на сите простории. Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков при денешната посета на оваа воспитно-образовна установа рече дека ваквите активности значително придонесуваат за подобрување на квалитетот на услугите во градинките. Истовремено, нагласи дека општината и во наредната година ќе посвети посебно внимание на ова, а за таа цел веќе е изработен проект за доградба на детската градинка „Сончогледи“. Исто така, ќе настојува во најскоро време детската градинка во Прдејци да биде отворена.