Примена на новините во енергетската ефикасност
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков
денес имаше средба со директорот на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија Нехри Емрула, на која стана збор за престојното донесување на Законот за енергетска ефикасност и улогата на локалната самоуправа. Притоа, градоначалникот Поцков информираше дека во тек е истражувањето за изработка на новата Програма за енергетска ефикасност 2020-2023, со што ќе се обезбеди целосен преглед на потрошувачката на електрична енергија и гориво. Но, истовремено ќе се утврди и стратегијата за поголема енергетска ефикасност во општината и во општинските јавни установи.
Во меѓувреме во општина Гевгелија се спроведуваат неколку проекти кои треба да придонесат за поголема искористеност на обновливите извори на енергија. Во општината се применува проектот на Министерството за економија за воспоставување на оптимален систем за улично осветлување (ESCO) со финансиска поддршка од Европска банка за обнова и развој. Со проектот се предвидува замена на сите сијалични места со штедливи светилки преку јавно приватно партнерство. Покрај ова, за обезбедување на електрична енергија на Времената депонија општината распиша тендер за фото волтаици, а во тек е изработката на документација за секундарна гасна мрежа. Сите овие активности се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност.
Директорот Мехри Емрула информираше дека заради подобрување на енергетската состојба во земјата ќе биде воспоставена електронска платформа за следење и верификација на мерките за енергетска ефикасност. Станува збор за проект кој ќе се спроведува со финансиска поддршка од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), а во согласност со националните стратешки цели и активности. Неговата реализација ќе придонесе за постигнување на целите на ЕУ во делот на намалување на потрошувачката на енергија и зголемување на енергетската ефикасност. За таа цел ќе биде организирана обука на вработените во органите на локалната самоуправа за користење на оваа алатка.