Поставени агрометеоролошки станици за земјоделците во Гевгелиско
Во Гевгелиско се поставени три агрометеоролошки станици
за заштита на земјоделските култури и животната средина. Една станица е поставена во околината на Прдејци и е наменета за производителите на бостан, а две се поставени во околината на Негорци. Една агрометеоролошка станица е поставена на лозовите плантажи на „Ригоимпекс“ и е наменета за одгледувачите на лозја, а другата за житни култури.
„Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“ се поставени во рамките на проектот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, кој е финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој. Согласно земјоделската структура и засадените површини од вкупно доделените 23 станици за Југоисточниот плански регион, на територијата на општина Гевгелија се поставени три станици.
Веднаш по поставувањето на станиците, во Гевгелија беше одржан информативен ден за користење на нови методи за управување во земјоделството и подигање на свеста на земјоделските производители за прекумерното третирање на почвата. На средбата со земјоделците од општината, Центарот за развој на ЈИПР ги презентираше локациите каде се поставени агрометеоролошките станици во регионот преку кои ќе се собираат, обработуваат и добиваат податоци за температура и влажност на воздух, температура на почва, количество на врнежи, сончева радијација, брзина и правец на ветер, влажност на лист како и прогноза на болести на земјоделските култури кои се најзастапени во регионот.
Исто така беше презентирана мобилната апликација „Meteobot“ и веб страница www.agrojug.mk преку коишто сите земјоделци ќе можат на брз и современ начин да ги добиваат потребните податоци со цел да имплементираат соодветни мерки за управување со земјоделските посеви, а истовремено и заштита на животната средина преку намалување на процентот на третирање на почвата.