Набавена опрема за зимско одржување на патиштата
Општина Гевгелија набави сопствена опрема за
зимско одржување на улиците и локалните патишта. Имено, ЈПКД„Комуналец“ од Гевгелија, согласно програмата што ја усвои Советот на Општина Гевгелија на последната седница, поведе постапка и ја набави потребната опрема за расчистување на улиците и локалните патишта во случај на врнежи од снег. По тој повод градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков и директорот на ЈПКД„Комуналец“ Златко Зумров ги дадоа следните изјави за јавноста:
-Со набавената зимска опрема од страна на ЈПКД„Комуналец“ општината е целосно оспособена за самостојно одржување на улиците и локалните патишта во зимски услови. Досега тоа го правевме преку ангажирање на надворешни фирми, кои поседуваат ваква опрема, а кои ги ангажиравме по објавениот јавен повик. Со набавката на сопствена опрема ќе бидат заштедени значителни средства, но, истовремено ќе се обезбеди понавремена и поефикасна заштита, бидејќи опремата се наоѓа во кругот на ЈПКД„Комуналец“, истакна градоначалникот Сашо Поцков, нагласувајќи дека веќе е набавена и сол, така што се направени сите неопходни подготовки за дејствување во зимски услови.
-По распишаниот јавен повик и изборот на најповолната понуда набавени се една соларка и три даски, односно плугови за расчистување на снегот. Во случај на потреба двете даски ќе бидат прикачени на двата трактори, а една на скипот. Вредноста на набавената опрема изнесува 1 милион денари, а истата е набавена со сопствени средства. Со набавената зимска опрема јавното комунално претпријатие се оспособува за дејствување и во зимски услови, што не беше случај досега, бидејќи комуналните работници во случај на врнежи од снег и голомразица дејствуваа рачно или со несоодветна опрема, вели директорот на ЈПКД„Комуналец“ Златко Зумров.