Продолжуваат изведбените работи на улица индустриска
Продолжуваат изведбените работи на атмосферска канализација на
улицата „Индустриска“ во стопанската зона на влезот од Гевгелија. На дел од оваа улица, како и на дел од новопланираната сервисна улица бр.5 веќе се поставува канализационата линија за атмосферски води. Вредноста на целиот зафат чини 3.028.246 денари, од кои 1.735.016 денари се грант добиен преку проектот Подобрување на општинските услуги (МСИП). Додека 1.293.230 денари се сопствено учество на општина Гевгелија. Со овој зафат се решава еден од најгорливите проблеми на стопанските капацитети, кои се лоцирани крај оваа улица, и тоа, по секој пообилен дожд.
Исто така, изведбените работи продолжуваат и во станбената населба Караорман, каде што се гради водоводна мрежа на сервисните улици „Галилео Галилеј”, „Апостол Петков” и „Павел Шатев”. Вредноста на овој проект е 4.501.176 денари, од кои 4.173.571 денари се грант обезбедени преку Проектот за подобрување на општинските услуви (МСИП), додека 327.605 денари се сопствено учество.
Веднаш по завршувањето на водоводната мрежа на овие улици ќе започне и изградбата на канализациона мрежа со што ќе бидат обезбедени сите комунални услови на овој дел од станбената населба Караорман. Изведбата на канализациона линија ќе се финансира од општинскиот буџет.