
Конституиран општинскиот совет за социјална заштита

Во просториите на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа
во Гевгелија се одржа Првата седница на Општинскиот совет за социјална заштита, кој е формиран од Советот на Општина Гевгелија на седница. Советот за социјална заштита во општина Гевгелија е составен од 15 члена, претставници на Општинската администрација, Центарот за социјала работа, даватели на услуги, здруженија, верски заедници, социјални работници и претставници од образованието, здравствената заштита, вработувањето, полицијата и Јавното обвинителство од подрачјето на општината.
На првата конститутивна седница за претседател на овој Совет беше избрана Љубица Карајанова, раководител на општинското одделение за јавни дејности. Членовите го разгледуваа Предлог-Социјалниот план со можност овој план да се доработи и надополни, ги мапираа социјалните проблеми и ранливите категории во општината, направија анализа на капацитетите и расположливите социјални услуги, како и специфичните потреби за развој на социјалните услуги во општината.
Во Програмата за социјална заштита, што треба да ја донесе Советот на општина Гевгелија, ќе се предвидат активности и финансиски средства за реализација на истите. Активностите се во насока на преземање мерки за надминување на социјалните проблеми, зголемување на достапноста на услугите и нивно креирање со цел: одржување на социјалната сигурност на граѓаните, спречување на социјалната исклученост, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и зајакнување на граѓаните за водење независенм активен и продуктивен живот. Програмата овозможува и финансиска поддшка на ранливите категории кои имаат потреба од помош.