Љупчо Трајков по вторпат го фати Светиот крст во реката Вардар
Гевгеличанецот Љупчо Трајков беше
најуспешниот и најсреќниот пливач во реката Вардар, кој на Водици го фати светиот крст. Ова триесетгодишно момче беше најбрз меѓу триесеттината пливачи кои по традиција пливаа во реката Вардар, веднаш под мостот кај мотелот „Вардар“. Среќата е уште поголема имајќи предвид дека Љупчо Трајков и минатата година на Водици го фати светиот крст.
-Многу сум среќен што втора година по ред токму јас го фатив светиот крст. На сите им посакувам многу среќа и за многу години празникот, изјави Љупчо Трајков. Гевгелиското парохијско намесништво на Трајков му го подари осветениот крст и му порачаа со светиот Богојавленски крст да ги посети сите христијански домови во Гевгелија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков на среќниот скокач во Вардар и фаќач на крстот му подари лаптоп, додека фирмата „Зегин“ подари телевизор. На фрлањето на чесниот крст во водите на реката Вардар, кај Гевгелија, присуствуваа илјадници граѓани на Гевгелија и други гости. И годинава, за успешноста на манифестацијата што ја организираше Гевгелиското парохиско намесништво, покрај задолжителниот лекарски преглед на сите пливачи пред влегувањето во водите на Вардар, беше организирана и спасувачка екипа, која немаше потреба да интервенира.